Wednesday, April 29, 2015

Финансиска писменост

Што е финансиска писменост?
Финансиската писменост е најважна алатка за секој кој има намера да стане сопственик на бизнис или професионален инвеститор. Софистицираниот инвеститор треба да биде во состојба да прочита многубројни финансиски документи, пред се извештаите како биланс на успех и биланс на состојба. Денешниот сложен пазар на финансиски услуги им нуди на клиентите широк спектар на производи и начини да ги остварат своите финансиски потреби. Овој степен на избор изискува клиентите да бидат опремени со знаење и вештини да ги оценат опциите и да ги идентификуваат оние кои најмногу им служат на нивните потреби и услови. Финансиската писменост е особено потребна да им помогне на клиентите да разберат како да се заштитат од влегување во трансакции кои се финансиски деструктивни.
Да се биде финансиски писмен не значи само да се биде успешен во градење на бизнис или во инвестирање во хартии од вредност.
Секоја индивидуа која заработува, по дефиниција и троши. Една група луѓе трошат колку што заработуваат. Тоа е секако подобро отколку да се задолжуваат, но дали овие луѓе се сигурни во иднината? Дали се сигурни во своето работно место? Што ако утре го изгубат? Втората, секако се оние кои живеат над своите можности и се задолжуваат без да водат сметка за тоа дали е тоа воопшто потребно и дали се во можност да ги враќаат кредитите. Третата, и најретка група луѓе се оние кои мислат на својата иднина и инвестираат во неа. Тие се сметаат за финансиски поинтелигентни и писмени луѓе кои управуваат со своите пари така што умот создава пари, имотот купува имот, бизнисот купува бизнис. За нив не важи правилото: потребни се пари за да се заработи.
Како се стекнува финансиска писменост?
Дали сте слушнале за правилото 90/10? Тоа значи дека 10% од луѓето заработуваат 90% од богатството во светот. 90% од луѓето живеат во финансиски окови. Знаете ли зошто? Одговорот е едноставен: припаѓаат на третата група финансиски интелигентни луѓе.
Запрашајте се Вие самите дали знаете точно колку заработувате, а колку трошите секој месец? Дали трошите повеќе отколку што заработувате? Ако да, веројатно сте задолжени? Дали сепак можете да се воздржите од некаков трошок овој месец и да заштедите? Верувајте, не Ви требаат големи финансиски средства за да влезете во третата група на финансиски поинтелигентни луѓе. Штедењето е вовед во финансиска благосостојба, но илузорно е да очекувате дека доколку и секој ден јадете конзерви и паштети и тргате настрана помала сума пари, ќе се збогатите.
Започнете со промена на начинот на размислување. Одговорете си на прашањето: Што да направам за ги зголемам приходите?

Орочен депозит во банка
Предности:
• При потешкотии во работењето на банката, државата гарантира за парите до одредена сума;
• Однапред позната каматна стапка.
Недостатоци:
•Трошоци при раскинување на договорот за штедење. Имено, доколку сакаме предвреме да го раскинеме договорот за штедење и да ги подигнеме средствата, банките најчесто наплатуваат одредени провизии, а истовремено ја губите и претходно очекуваната камата;
• Ниски камати кај временски пократките периоди на орочување на депозитот;
• Променливи каматни стапки. Каматата може да се промени во текот на штедењето, а поради договорот не можете да го прекинете штедењето без додатни трошоци;
• Опасност од девалвација на денарот (доколку депозитот е денарски).
Хартии од вредност се достапни за купување на Македонската Берза преку посредство на брокерска куќа, при што вие директно инвестирате во саканите хартии од вредност. Давањето на налози за купување и продавање на хартиите од вредност го правите вие самостојно, основано на ваша одлука ако имате доволно време, знаење и искуство да во континуитет го следите движењето на цените на акциите на пазарот на хартии од вредност, како и потребните информации околу таргетираните компании.
Предности:
• Можност за големи добивки (во фаза на т.н. биков или растечки пазар);
• Потполна слобода во вложувањето;
• Исплата на дивиденда кај одредени акции.
Недостатоци:
• Висок ризик од загуби поради пад на цените на акциите предизвикан од различни фактори: лоши вести, фаза на т.н. мечкин или паѓачки пазар, лоши финансиски резултати на компаниите, итн.;
• Релативно високи трошоци на тргување при често купување – продавање (брокерски провизии и берзански такси);
• Потребен е релативно висок почетен капитал за вложување доколку сакате да го намалите ризикот од загуба и да создадете портфолио од повеќе акции;
• Ликвидност, односно неликвидност. Ова е карактеристично за малите, неразвиени пазари на хартии од вредност како македонскиот. Тоа значи неможност да во секое време ги уновчите вашите хартии, поради едноставна причина што на другата страна нема купувач!
• Потребно е ЗНАЕЊЕ (познавање на пазарите за хартии од вредност, читање на финансиски извешати итн)
Животно осигурување
Предности:
• Загарантирана осигурана сума во случај на смрт во времетраењето на полисата, од моментот на првата уплата и во зависност од општите услови на користената полиса;
• Можност да се искористи полисата како гаранција при подигање на кредит;
• Можност за прекин на плаќањето на полисата во краток временски период (најчесто една до две години).
Недостатоци:
• Обврзувачки договор (ве обврзува да плаќате претходно определен износ на рата, високи пенали во случај на предвремено искористување или неплаќање на премијата – ратата;
• Нетранспарентност (не сме во можност да го знаеме точниот износ на моменталните средства со кои располагаме);
• Високи провизии
• 2-3% годишна добивка на вашите уплатени средства за полисата.
Доброволни пензиски фондови овозможуваат дополнително да си обезбедите средства за пензија кои се уплатени на ваша лична сметка и кои со текот на годините се оплодуваат. Уплатените средства се регулирани со законска рамка и спаѓаат во релативно сигурна инвестиција.
Предности:
• Сигурност на средствата на пензискиот фонд (контрола од страна на МАПАС- агенција за капитално финансиско пензиско осигурување);
• Диверзификација на ризикот на инвестициите
Недостатоци:
• Штедачот во пензискиот фонд не може да ја подигне заштедената сума најрано 10 години пред остварувањето на правото на старосна пензија;
• Релативно ниски приноси (долгорочните приноси на ваквите фондови во светот се движат помеѓу 4-6% годишно бидејќи инвестиционата политика има многу законски ограничувања, сè со цел заштита на капиталот);
• Трошоци за преминување од еден во друг доброволен пензиски фонд.

Monday, April 20, 2015

ФИНАНСИРАЊЕ НА БИЗНИСОТ

Финансиите се основа за добро функционирање на секој бизнис. Без финансии нема да може да функционира бизнисот, односно да обезбеди нормално работење и да планира раст. Добрите претприемачи по правило се полни со идеи и акции кои следуваат по тие идеи, но секогаш имаат недостаток на доволно финансии.
При започнување на бизнисот една од најважните работи во процесот на планирање на тој стартап е добро да се проектираат финансиските показатели како би се обезбедило опстојување во тешката стартап фаза на бизнисот.
Во моментов работам на изработка на еден бизнис план за сосема нов бизнис. Планот се однесува на наредните 3 години. Ги извршив сите анализи и ги проектирав предвидувањата за движење на продажба во следните три години. Но, она што сакам тука да го истакнам е дека проекциите се базираа на минимални инвестиции за започнување, односно минимален износ на пари потребни пред започнување на бизнисот. Така да со тие проекции готовинскиот тек одеше во негатива следните една и пол година. Што не смее да биде случај, затоа што нема да може да се финансира работењето на бизнисот. Имав неколку опции:
  • Да ги намалам фиксните трошоци (што постоеше можност затоа што користев повисоки трошоци)
  • Да ја зголемам продажбата (што сметав дека ќе биде нереално)
  • Да го зголемам износот на стартап финансии.


Ќе се обидам тука да ги претставам најкористените извори за финансирање на малите бизниси.
  1. Лични финансии. Финансии кои ќе ги обезбеди самиот претприемач.
  2. Финансии како позајмици од семејството и пријателите. Ова е втора опција на бесплатни финансии, бесплтни бидејќи нема камата на тие позајмици.
  3. Владини организации за развој на малите бизниси. Ова се институции кои се формираат од страна на државата и кои имаат за цел да го поттикнат развојот на претприемништвото.
  4. Банкарски кредити. Ова се краткорочни кредити кои служат само за да го подобрат финансирањето на бизнисот. Стартап бизнисите многу потешко доаѓаат до овие средства како правни лица. Но, затоа претприемачот може да ја искористи можноста за добивање н средства како физичко лице.
  5. Кредитни картички на претприемачот и членовите на семејството. Ова претставува една поскапа алтернатива на кредитите, но сепак достапни се средства во износ на лимитот на картичките.
  6. Ризичен капитал (Venture Capital). Сметам дека овој начин на финансирање сеуште не е развиен кај нас. Повеќе детали можете да прочитате во написот за ризичен капитал.
  7. Здружување на средства со партнери. Доколку имате идеја која сметате дека може да биде успешен бизнис понудете ја заеднички да го започнете бизнисот со некој од Вашите роднини и пријатели. На таков начин ќе обезбедите средства за започнување на бизнисот.
  8. Бизнис ангели. И овој начин на започнување сеуште е далеку од она што треба да биде. Повеќе можете да прочитате во написот за бизнис ангели.
  9. Штедилници. Овој начин на финансирање доаѓа од штедилници и е сличен со банкарски кредит, можеби средствата се малку поскапи но подостапни во секој случај.
  10. Лизинг. Се попопуларен начин за финансирање на малите бизниси кај нас. Ова всушност претставува изнајмување на опрема за работа која на подолг рок се плаќа наемнина и одредена каматна стапка на компанијата која го нуди лизингот.
Што е Ризичен капитал (Venture Capital) ?
Доколку претприемач поседува добра бизнис идеја и сигурен е дека може да ја реализира тогаш обезбедување на капитал (финансии) претставува клуч за реализирање на таа бизнис идеја. Доколку не постои друг начин на финансирање тогаш претприемачот може да користи средства од ризичниот капитал или VENTURE CAPITAL.
Ризичен капитал може да се добие од поединецот или од група финансиери (акционери) кои поседуват финансии и кои сакат на нив (како и на секоја друга стока или производ или услуга) многу да заработат преку вложување во бизнис идеи на претприемачите а за возврат добиваат значајен дел од сопствеништво на бизнисот.
Овој систем на работење носи голем ризик од неуспех па поради тоа и иматели на капитал сакат да го заштитат својот капитал од пропаѓања бидејки секоја идеја колку и да е добра не мора да значи дека е и профитабилна. Па капиталистите свесно влегуваат во ризик да некоја од инвестициите и пропадне, но со тоа да во неколку инвестиции ги покријат и големите загуби и остварат и големи профити како надокнада за превземен ризик. Заради ова за претприемачот овој начин на финансирање е најлош бидејки каматите како и условите за добивање на овој вид на капитал се најнеповолни.
Како и при секое започнување на бизнисот финансиерите го бараат на увид комплетниот бизнис план. Тогаш се пристапува на потпишување на договорите. И барање на заедничките интереси.
Најчесто се бараат високи камати кои се поткрепени со одредени хипотеки и гаранции. Некогаш каматите се намалуваат за сметка на уделот во сопствеништвото на фирмата. Тој удел најчесто изнесува од 20 – 55 %.

Што претставуваат бизнис ангели?

Бизнис ангели (можат да се сретнат уште и како ангели, ангел инвеститор или неформален инвеститор) претставуват уште еден интересен терминолошки израз кој е даден со цел да се добие еден впечатлив назив, кој е полесен за паметење, а претставува синоним за финансиери.
Односно тоа е начин на финансирање и претставува неформален ризичен капитал. Финансиер може да биде индивидуалец или група. Тоа се луѓе кои имаат вишок на финансиски средства и кои се спремни да го инвестират тој вишок во индивидуалецот или во регионот преку најповолни услови. Најчесто парите ги заработиле (а можеби се уште заработуваат) како сегашни или бивши менаџери (директори), спортисти, естрадни звезди (пејачи, актери, режисери…), лекари, адвокати и другите високоплатени професии. Заради својот бекграунд, бизнис ангелите освен во финансиите можат да помогнат и во другите аспекти на бизнисот во зависност од нивната експертиза (како на пример, информации и know-how за тоа како да го направат бизнисот успешен). Оваа е дополнителна придобивка за претприемачите кои се врзуваат со бизнис ангели.
Овие финансиери претежно се сентиментално врзани за личност или региони (роднини, пријатели, роден крај или некој предел кој оставил големи импресии на одреден финансиер воо одреден дел од неговиот живот).

Видови на средства кои ги обезбедуваат бизнис ангелите

Бизнис ангелите може да дадат средства во вид на:
  • грант (подарок),
  • без камата,
  • со минимална камата или
  • со нормална камата.
На ваков начин давањето на гаранцијата би била значително олеснета а средства полесно достапни.
Тие најчесто инвестират поради желбата нивниот капитал да ја задржи својата вредност или поради љубов кон одредено место или личност. Секако дека сопствениците на овој капитал немаат против да стекнат профит (да ги оплодат своите пари) но, нивните основни мотиви не се првенствено профит па заради тоа тие даваат финансиски средства по поволни услови.





Wednesday, April 1, 2015

ПРОМОЦИЈА И САЕМИ



Продажна промоција, како дел од комуникацискиот систем, е директен начин на поттикнување на дополнителен интерес по должината на маркетинг патот — од производителите преку дистрибутерите до потрошувачите — за да се забрза движењето на производот од производтелот до финалните потрошувачи. Промоцијата на продажба се користи како помош во зголемување на продажбата. Таа понекогаш е означувана како дополнување на рекламирањето и личната продажба, бидејќи ги поврзува двете заедно правејќи ги поефективни.
Продажната промоција како една од промотивните дејности е многу често користена особено во западните економии. Тоа се заклучува и од вложуванњето што се прави кое е далеку поголемо во споредба со вложувањето во најпопуларната дејност на промоцијата, а тоа е економската пропаганда. Продажната промоција е директна причина која нуди екстра поттик вдолж било каде во маркетинг каналот за да го зголеми или забрза движењето на производот од производителот до потрошувачот.Има три важни елементи во оваа дефиниција:
  • Дизајнирано е да го забрза продажниот процес
  • Вклучува директна причина (пари, награди, подароци, екстра производи, или посебни информации) кои предизвикуваат екстра поттик за купување, посета на продавница, барање на литература или преземање други акции
  • Може да се употреби било каде вдолж маркетинг каналот од производителот до купувачот.



Продажна промоција,претставува промотивен метод кој користи крaткотрајни техники за да ги убеди членовите на таргет групата да одговорат на соодветен начин или да преземат некоја акција. Како награда, маркетарите им нудат нешто од вредност на оние кои одговараат, обично, во вид на пониски трошоци на сопственост за купениот производ (пр. Пониска куповна цена, враќање на пари) или пак додаток на одредени материјали од вредност (пр. Нешто повеќе за истата цена).Продажната промоција има за цел да им понуди на потрошувачите дополнителна вредност, како вид на потик да се генерира моментална продажба. Овие потикнувања може да им бидат упатени на потрошувачите, на дистибутерите, агентите и членовите на продажниот тим. Ваквиот вид на промоција, за разлика од рекламата, не вклучува плаќање на надоместок на медиумите. Трошоците на промоција се генерирани директно од организацијата која ја иницира ваквата активност. Техники кои се користат при продажна промоција можат да бидат поделени на:


Постојат повеќе причини за употреба nа продажна промоција:
  • Придобивање на нови потрошувачи- Ваквите промоции се корисни за потикнување на нови производи и за одбрана на местото на полиците од идни и сегашни потрошувачи.
  • Намалување на ризикот на дистрибутерите- Паричните средства кои производителите им ги посветуваат на нив со цел да го намалат нивниот ризик за чување на залиха на нови производи.
  • Наградување на однесување- Тие можат да понудат награди за претходните купувања кои потрошувачите ги извршиле.
  • Задржување- Тие можат да потикнат интерест и да првлечат потенцијални купувачи, но и да ги охрабрат истите да дадат лични податоци кои би биле искористени во понатамошни промотивни активности.
  • Додавање вредност- Ваквите активносто можат да додадат дополнителна вредност која ќе охрабри повторно купување или пак причина за купување.
  • Потик за акција- Ваквите активности можат да остават впечаток на итност кај потрошувачите да купат додека производот се нуди под некој вид на продажна промоција. Тие нудат интерест и возбудување на местото на продажбата на производи кои се наоѓаат во фазата на зрелост.
  • Подобрување на ефикасноста- Продажната промоција им овозможува на производителите да го искористат својот неискористен капацитет и да се прилагодат на потрошувачката и понудата или на чувствителноста на цените на суровите материјали или на другите трошоци на инпутите, во исто време одржувајќи ја иста продажната цена.
  • Интеграција- Обезбедува начин на поврзување на другите алатки на промоцијата.
  • Асистирање при сегментирање- Тие им овозможуваат на производителите да вршат ценовна дискриминација помеѓу потрошувачките сегменти кои се разликуваат во ценовна сензитивност.

Функции на продажната промоција :

Од дефиницијата за продажната промоција, произлегуваат и нејзините функции:
  • Таа е инструмент за забрзување на продажниот процес.
  • Таа обично вклучува директен поттик (пари, награди, дополнителнио производи, подароци), што индуцира дополнителна желба за купување, посета на одредена продавница, барање на определна литература, или слични акции.
  • Промоцијата на продажба може да се користибило каде по должината на маркетинг патот: од производителот до продавачот, од продавачот до потрошувачот, или пак директно од прозиводителот до финалниот потрошувач.
  • Преку забрзуванње и олеснување на прометот на стоките и услугите влијае на продуктивноста на трудот и на намалуванње на трочоците за производство и дистрибуција.
  • Ги зголемува заедничките интереси и активната соработка на производителите, дистрибутерите и купувачите.
  • Создава поволно купувачко — психолошка атмосфера преку естетско уредуванње на излозите, на ентериерот и екстериерот на продажните места.
  • Создава и влијае на новите сознанија за производите и услугите преку информирање на потрошувачите, со што ја подигнува културата и квалитетот на живот.
  • Влијае на намалувањето на сезонските варијации на побарувачката.
Од наведените функции на продажната промоција може да се забележи нејзината важна улога во создавање на поквалитетен стопански живот, подигнвање на културата на живеење на луѓето и општеството во целина.
Саем - претставува општествена манифестација која им овозможува на приватни компании да ги изложуваат своите производи или услуги. Саемите според географската положба се делат на интернационални, национални и регионални саемски манифестации. Саемот претставува место каде луѓето остваруваат директен контакт со производителите на одредени производи.
Најпознатиот организатор на саемски случувања во Македонија е Скопски саем
Во последно време електронските манифестации полека полека е селат кон Интернетот. Најпозната електронска саемска манифестација во Македонија е Мак EXPO. Саемското претставување станува достапно и за помалите претпријатија кои имаат интерес за промоција и маркетинг.